ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Нелегални прислушувања – Вештак сведочеше против наводите за странски служби

Вештак по предлог на обвинителството го анализираше извештајот на израелска компанија која по нарачка на УБК во 2015 година утврди дека во земјава не прислушувала тајната полиција, туку странски служби со жолти комбиња. Вештачењето на документот покажало дека иако биле наведени 11 датуми кога во Скопје се прислушувало, но само три се поклопувале со времето кога Израелците го пишувале извештајот. Дополнително вештакот утврдил дека дека две базни станици од кои Израелците утврдиле дека нелегално се следи мобилната мрежа, всушност биле базни станици на телекомуникациските оператори Телеком и ВИП, а не странски служби.

„Врз основа на прикажаното во извештајот мене како експерт не може да ме убеди дека израелскиот извештај е детално сработен и јасно и недвосмислено да ги покаже сите параметри за јас како експерт да се уверам дека се детектирани лажни базни станици за прислушување. На малку страници нејасно се покажани параметри за да се утврди дека навистина се детектирани лажни базни станици“, рече вештакот Кире Јакимоски.

Во извештајот биле наведени 11 датуми кога биле пресретнати нелегални активности за прислушување, но не биле детално објаснети со географска точна локација. Било наведено само во близна на Собранието и во близина на британската амбасада. Извештајот за жолти комбиња и странски служби го презентираше бегалецот Никола Груевски откако изби скандалот со нелегално прислушување на околу 20 илјади граѓани. Со идентично тврдење дека УБК не прислушувала нелегално, излезе и обвинетиот Сашо Мијалков кој во сведочењето се повика токму на овој извештај кој бил изготвен додека тој бил директор на УБК.

Во случајот „Таргет – Тврдина“ обвинети освен Мијалков се и Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за полиција, Горан Грујевски и Никола Бошковски, екс-тајни агенти и уште седум лица од УБК. Освен за нелегалното прислушување, обвинети се и за уништување на опрамата за следење на комуникациите која се процени на 1,4 милиони евра. Судењето за овој случај е при самиот крај и се очекуваат завршни зборови на обвинителството.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button