ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Несреќа на „Беса Транс“, можни биле искри при кочењето

Автобусот на „Беса Транс“ можно е да се запалил при самото кочење. Ова за Алсат го вели универзитетскиот професор Стоимко Златковски од битолскиот Технички Факултет. Според него, при кочење во надолнина, исто како што бил случајот и со автобусот, можно е да дошло до испуштање на искри во самото тркало.

„При тоа сопирање со ножни сопирачки се јавува редовно загревање, триење меѓу гуртните и добошот т.е. плочките и дискот, се јавува температура… Таа температура се пренесува и до самите добоши каде што лежи пневматикот, внатрешната односно надворешната гума. И тука често пати, редовно доаѓа до експлозии,“ рече Стоимко Златковски,Универзитетски професор.

Бугарското обвинителство утврди дека возачот е виновен за несреќата.

„Причината е губењето контрола над автобусот од страна на возачот и високата, па и да кажам неприспособена, но не и надмината брзина,“ рече Борис Сарафов, Обвинител.

Бугарија сега на роднините на загинатите треба да им ги предаде нивните предмети. Еден од нив се пожали дека негов роднина во автобусот носел злато вредно 7.000 евра. Иако истрагата во Бугарија заврши, кај нас Обвинителството сè уште води предистрага за работењето на „Беса Транс“.

„…Се обезбедува и се анализира целокупната документација и во детали се испитуваат сите релевантни околности…“ , наведуваат од Обвинителството.

Автобусот на „Беса Транс“ без соодветни дозволи за транспорт на патници, границата на земјава ја поминал повеќе од 100 пати. На фирмата веќе ѝ се одземени и транспортната и туристичката лиценца. Изгорениот автобус во октомври лани бил прегледан во техничкиот центар „ВИА Комерц Џемаљ“ во Скопје. Но и оваа фирма работела со неправилности. Тоа го утврдиле полициски службеници лани во август и го известиле министерот Оливер Спасовски. Тој, пак, на само три дена по несреќата наложил „ВИА Комерц“ привремено да не работи. И денеска нема одговор од МВР зошто министерот чекал три месеци за да донесе вакво решение. Несреќата се случи лани на 23 ноември. Загинаа 45 наши државјани, а седуммина беа повредени.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button