
Проблемите во бизнисот со тутун во земјава се поради непочитувањето на законот од страна на компаниите од тутунскиот бизнис и тутунарите. Проблемите започнуваат со нереалната откупна цена, понекогаш и квалитетот на тутунот е лош, и како резултат на ова се јавува вишок на непредаден тутун. Од Стопанската комора велат дека тутунот годинава е со многу слаб квалитет поради климатските прилики, но има високо производство.
„Треба да постои баланс помеѓу производителите и откупувачите. Компаниите се ограничени согласно потребите на светскиот пазар, и ги обврзуваат одредени законски прописи. Оптимално производство во нашата земја се движи од 20 до 25 илјади тони годишно. Се што е под или над тие количини ќе биде проблем за откупувачите и производителите. Мора да имаме производство според стандардите“, вели Васко Ристовски, Стопанска комора.
Според Стопанската комора, тутунарите се уште не ги имаат земено парите за субвенции од државата за 2019 и 2020 година. Тутунарите се жалат дека во однос на 2019 година откупната цена на тутунот е драстично намалена. Пред две години кило тутун се откупувал по просечна цена од 219 денари, лани тутунот се откупувал по цена од 158 денари. Лани се откупиле без малку 27 илјади тони тутун, и претставува најголем откуп во последните 15 години. Годинава се очекува да бидат произведени нешто над 22 илјади тони тутун во лист. Склучени се нешто на 27 илјади договори, а регистрирани се вкупно 18.752 тутунопроизводители. Секоја година тутунарите на крајот на откупната сезона протестираат и обвинуваат за манипулации од страна на откупувачите. Неизбежни се и палења на поголема количина на тутун и блокади на магистрални и автопатски делници сѐ до исполнување на нивните барања.
Иле Петревски