ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Николовски без конкретно ветување за патот Ќафасан – Струга

На вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски удобно му било патувањето до граничниот премин Ќафасан, кај Струга и покрај лошата состојба во која се наоѓа овој патен правец. Власта веќе неколку години ветува реконструкција на постоечкиот пат, но од тоа засега нема ништо. Она што се прави е само крпење на патот и на дупките кои се отвараат при секој пообилен дожд.

прашање: Убаво патувавте до Ќафасан?

„Да. Како никогаш досега во државата се градат автопатишта и експресни патишта, регионални, магистрални, локални. И мислам дека како никогаш досега реализацијата во овој поглед не била висока. И верувам дека за брзо време и овие проекти, кои се околу овој крај, кој е особено значаен, гледам дека се става силен акцент и инвестициски и секое едно вакво прашање верувам дека ќе биде реализирано“, рече Љупчо Николовски-вицепремиер за борба против корупција.

Николовски кој треба да ја води битката со корупцијата во државата, пред да дојде на Ќафасан, се сретна со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој само во 2020 година од општинскиот буџет потрошил 27.500 евра за репрезентации. Во изминатите три години, односно за 2018, 2019 и 2020 таа сума изнесувала скоро 78 илјади. На прашањето на Алсат, дали побарал објаснување за потрошените пари, Николовски рече дека тоа не било во нивна надлежност.

„Сѐ друго е надлежност на други институции, кои треба да го испитаат било кој случај или предмет. Ние не работиме по предмети, ние се држиме до кодексот, кој се однесува до сите именувани функционери во Владата и гледате дека праќаме порака дека нема недопирливи. Дека во секој еден случај се постапува. Секоја институција треба да ја испита било која информација, која ја имате, било која постапка и да нема недопирливи, односно доколку се констатирани било какви незаконитости“, додава Николовски.

прашање: Не го прашавте Мерко денес за потрошените пари на граѓаните?

„Мислам дека јасно кажав за што може да се разговара. Јас прашав и за многу други работи и одговорите ќе ви ги даде градоначалникот“, вели Николовски.

За истата намена за 2021 година на Мерко му се на располагање 50000 евра. Сепак вицепремиерот Николовски рече дека општина Струга, е меѓу општините кои имаат средна транспарентност.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button