Низата пропусти во „Пулс“ започнале уште пред повеќе од 10 години, рече Коцевски

Во досегашниот тек на истрагата за трагедијата во клубот „Пулс“ во Кочани опфатени се вкупно 27 физички лица и три правни субјекти и сите се обезбедени од страна на полицијата, информираше денеска државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.
„Сите осомничени во периодот од 2012 година до 16.03.,2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерки за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери“, рече Коцевски.
Како што додаде тој, верижните пропусти на одговорните лица довеле до избувнување на пожар како последица на употреба на пиротехнички средства.
„Доколку се обезбедат докази, во истрагата ќе бидат опфатени и други засега неутврдени лица“, рече Коцевски.
Како што појасни Коцевски, тројца од осомничените се јавуваат како одговорни лица, сосопственици или управители во правното лице чија подружница бил клубот „Пулс“. Просторот бил наменет за лесна индустрија и не исполнувал услови за угостителска дејност.
„Објектот, со намена за лесна индустрија, којшто се наоѓал во индустриска зона воопшто не исполнувал услови да биде пренаменет во угостителски објект, кабаре, согласно законот за угостителска дејност, но во континуитет, во целиот период, осомничените добивале лиценца, незаконито и организирале угостителски услуги“, рече Коцевски.
Во однос на пропустите на обезбедувањето, осомничени се сопственикот и управител на фирмата за обезбедување од Скопје, овластеното лице на подружницата во Кочани, тројца вработени и едно лице кое не било вработено во фирмата но вршело одредени работи за таа фирма.
-Сите тие вршеле работи на физичко обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, без да ги проверат условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, како и другите сигурносни услови особено во однос на опасности и можности за евакуација. Во текот на критичната вечер, не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот на посетителите во објектот и не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства со кои бил предизвикан пожарот и поради кои настанала несреќата во објектот, изјави Коцевски.
Сите осомничени се обезбедени. Кочанското обвинителство со оглед на тежината на кривичното дело кое им се става на товар и сите други околности, бара притвор за сите осомничени со исклучок на 3 лица кои се хоспитализирани.