Нов силен земјотрес во близина на Санторини

Земјотрес со јачина од 5,1 степен беше регистриран кусо пред 10 часот утрово во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос, а неколку минути претходно имаше помал земјотрес од 4,2 степени, додека во текот на ноќта беа регистрирани два нови потреси од 4,2 и 4,5 степени според Рихтер, јави дописничката на МИА од Атина.
Најсилниот земјотрес во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос беше регистриран минатиот понеделник и беше со јачина од 5,3 степени според Рихтер.
Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот Универзитет од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, односно од 26 јануари заклучно со 14 февруари, биле регистрирани над 19.200 земјотреси, од кои над 16.900 биле посилни од 1 степен.
Поради сеизмичка активност, училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи ќе бидат затворени и оваа седмица, трета по ред.