ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Нов закон за построги казни за трговците – профитери

Јавно објавување на компаниите, забрана за вршење на дејност и целосно затворање на компанијата, се само дел од новите поригорозни казни кои се подготвуваат како законско решение кое идната недела треба да се најде на владина седница. Министерот за економија Крешник Бектеши денеска не сакаше да даде детали за предлог законот, па од неговиот кабинет испратија само писмено соопштение во кое се наведува дека со новиот закон точно ќе се знае кои ланци на маркети работат чесно а кои применувале нечесни практики.

„Според постојното законско решение казната може да дојде до 5.000 евра, а отсега казните нема да бидат само парична. Има компании кои заработуваат и по 80 отсто на одредени производи и им се исплаќа да платат казна и да продолжат со истата нечесна практика. Сега веќе, со новото решение ќе се соочат и со друг тип на казни“, наведуваат од Министерството за економија.

Не само кај основните прехранбени производи, граѓаните се жалат дека речиси во сите маркети цените на производите се многу зголемени.

„Сѐ е поскапено се, леб, зејтин, млеко“…

„Многу работи не можеме да си ги дозволиме. Почнувајќи со основните прехранбени производи, тие што сме ги купувале количински повеќе, сега нормално дека ќе се намалува. Онолку колку што треба и колку што мора“, реагираат граѓаните.

Во текот на вчерашниот ден Пазарниот инспекторат излезе на терен да провери дали се намалени цените на дел од основните прехранбени производи.

По жестоките реакции во јавноста дека дел од прехранбените производи добија нови повисоки цени од стартот на овој месец, кога практично и престана да важи мерката за замрзнување на маржите, инспекторите излегоа на терен. Утврдени беа многу малверзации во однос на цените од страна на трговците, а инспекторите изрекоа и 30тина казни.

Според официјалните информации, потрошувачката кошничка за една година е зголемена за над четири и пол илјади денари, а од почетокот на годинава трошоците за набавка на основните прехранбени производи и услуги се поскапи за три илјади денари.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button