Новата варијанта на вирусот „Омикрон“ тропа на врата

Вјолца Алити
Грција го регистрираше првиот случај со новата варијанта на вирусот „Омикрон“. Грчкиот министер за здравство Танос Плеврис објави дека заразата била откриена кај 60-годишен маж кој од Јужна Африка слетал на островот Крит во Грција. Инфицираното лице е целосно вакцинирано со две дози.
„Шеесетгодишникот пристигна во Грција на 26 ноември каде на аеродромот му беше направен тест за антиген, кој првично се покажа негативен. По неколку благи симптоми, повторно беше тестиран и излезе позитивен. По третиот тест, утрово кај него е откриена варијантата на вирусот Омикрон. Во моментот тој е во изолација, додека членовите на неговото семејство се негативни “.
Покрај Грција, новата варијанта е регистрирана во Италија и Холандија. Многу европски земји веќе презедоа рестриктивни мерки против ширењето на оваа варијанта на вирусот.
Локалните власти во моментов не размислуваат за ограничувања. Акцент е ставен на масовната вакцинација на населението. Министерот за здравство Венко Филипче објави анализа која покажува дека вакцините покажале висока ефикасност кај населението во земјава, како и заштита од тешки болести и смртни случаи како последица на Ковид19. Ова се првичните резултати од истражувањето што го спроведе Харис Бабиќ, магистер по епидемиологија на Институтот Каролинска во Стокхолм, Шведска во соработка со македонскиот електронски систем „Мој термин“. Анализата покажа дека вакцините од различни производители не се разликуваат значително во ефикасноста од првенција од смртен исход, но постојат разлики во хоспитализацијата. Анализата, исто така, покажа дека една доза од вакцината против Ковид19 е недоволна за да се спречат тешките последици од болеста, притоа нагласувајќи ја важноста од примање најмалку две дози. Речиси 40 отсто од населението во Македонија во моментов е вакцинирано. А за да се постигне колективен имунитет, потребно е 80-90% од населението да се вакцинира.