Нови обвинувања за злоупотреба и неправилности со докторските дисертации на Тетовскиот Универзитет

Списанието „Веритас“ со нови обвинувања за неправилности на Универзитетот во Тетово. Преку нова публикација, „Веритас“ тврди дека од 14 проверени трудови, 12 излегле дека биле препишани, односно плагијати, но и оти професорите Неџбедин Беадини и Шеќибе Беадини без постапка и конкурс биле трансферирани од Факултетот за природно-математички и науки, на Медицинскиот факултет. Се пласираат сомнежи дека поранешниот ректор Беадини, за неколку месеци од доцент станал редовен професор, а потоа и му помогнал на сегашниот ректор, Вулнет Амети да напредува на ист начин.
„Во CV-то на сегашниот ректор може да се види дека тој докторирал во 2008 година. Според законот на Северна Македонија, преминот на академско ниво се случува на секои 5 години, што значи дека тој законски на функцијата ректор може да се седне во 2018 година. Како дојде до оваа позиција во 2012 година?! Клучот е пријателот на плагијаторот Неџбедин, проф. Шезаи Рокај и решението издадено во Тирана за титулата професор за Вулнет Амети.“
„Веритас“ го обвини деканот на Медицинскиот факултет, Невзат Елези дека го брани скандалот, а инспекторот за образование, Африм Салиу дека брани академски криминал. Салиу ги негираше обвинувањата, велејќи дека против универзитетот се изречени околу 40 решенија, па дури и судски процеси.
„Во однос на првиот дел дека наводно сум криминалец во оваа институција во која работам скоро 15 години, категорично го негирам тоа, особено кога станува збор за Државниот универзитет во Тетово. Ние како институција и јас лично како главен инспектор бевме активни за подобрување и коригирање на одредени моменти на кои наидовме.“
Алсат контактираше со Универзитетот за коментар од ректорот Вулнет Амети во однос на обвинувањата. Оттаму ни беше кажано дека денеска имаат поважни работи и оти можеби ќе одговорат друг пат. Побаравме и став од професорот Невзат Елези. Тој ги негираше обвинувањата.
„Невзат Елези не може да биде условуван и оние кои го познаваат мојот карактер знаат дека немам услови, туку само го применувам законот. Мојот избор за декан ќе го оценуваат студенти и професори. Јас ќе ја штитам институцијата каде што се наоѓам.”
Професорот Неџбедин Беадини пак, ни рече дека останува на истиот став кој го искажа во емисијата „200“ на Алсат.
„Дали ги прифаќате обвинувањата против вас? Апсолутно не, затоа што не постои селективна правда. Ако навлеземе во оваа работа, ќе влеземе во неа воопшто за да видиме што е вистината.“
Инаку, списанието „Веритас“ нема автори, а лицето кое се споменува како одговорно остана непознато за време на нашето истражување. Адресите за контакт се исто така нефункционални.
Анеса Салиху