ВЕСТИРЕГИОН

Новиот бугарски парламент на конститутивна седница: Пратениците треба да изберат претседател

По парламентарните избори на 11 јули, новиот состав на парламентот на Република Бугарија денеска треба да одржи прва, конститутивна седница со која ќе претседава најстарата пратеничка Мика Зајкова.

На седницата 240-те пратеници ќе дадат заклетва, ќе се интонираат химните на Бугарија и на ЕУ, а треба да се избере и нов претседател на бугарското Собрание.

Партијата „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов се очекува, како и по изборите во април, повторно да ја предложи Ива Митева. Лидерот на втората најголема партија – ГЕРБ и поранешен премиер, Бојко Борисов, соопшти дека нема да номинираат претседател, туку само заменик-претседател. За третата партија по бројот на пратеници – БСП, пак, е познато дека ќе го номинира поранешниот министер за надворешни работи, Кристијан Вигенин.

Во играта за претседателското место може да се вмеша и четвртата партија – „Демократска Бугарија“ во замена за, како што јавуваат дел од бугарските медиуми, поддршка на идната влада што ќе ја предложи Трифонов.

Според бугарскиот Устав, за формирање на нова влада мора да се обезбедат 120 пратеници. Меѓутоа, „Има таков народ“ која има 65 пратенички мандати, со потенцијалните партнери односно партиите кои произлегоа од протестите – „Демократска Бугарија“ (34 пратеници) и „Исправи се! Мафијата надвор“ (13 пратеници), не би го имала потребното мнозинство, па не е исклучено тие да побараат поддршка и од некоја од останатите партии, од досегашната владејачка коалиција на ГЕРБ и ДПС или од досегашната опозиција Бугарската социјалистичка партија (БСП).

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button