ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

НВО-a: Да се отповика одлуката за Водно!

Околу 40 здруженија од Владата бараат да ја отповика Одлуката за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје. Наместо тоа, тие бараат за планината да се донесе посебен закон. Од иницијативата „Го сакам Водно“ велат дека до Владата испратиле факти и податоци кои наложуваат за поголема заштита за Водно со носење на законско решение.

„Не можете без слух да продолжите со таква постапка. Затоа и бараме отповикување од истата на начинот на кој сега се води, а да се започне постапка која ќе понуди вистинска заштита на Водно“, рече Татјана Стојановска, „Го сакам Водно“.

Невладините барањето го адресираа до премиерот Зоран Заев, но тој денеска изјави дека не е запознаен со таквото барање, а од Владата не ни одговорија дали го разгледале.

„Во тек е консултација на јавноста по Предлогот на Одлуката за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија V- Заштитен предел“, велат од Владата.

Ниту од Министерството за животна средина засега немаат конкретен став за начинот како дa се заштити Водно.

„Во однос на дел на забелешките кои се однесуваат на други аспекти на заштита, Министерството започнува дополнителна консултација и координација на техничко ниво со други релевантни државни институции согласно нивните надлежности. Фокусот на консултациите ќе биде на заземање на ставови во однос на дел на забелешките на управувањето со предложениот Заштитен предел Водно, за прашања поврзани со: Планот за управување со поплави и заштита од ерозии и порои, Планот за одгледување и заштита на шуми, со урбанизацијата, со просторниот план и слично“, наведуваат од Министерството за животна средина.

Граѓанските организации бараат посебен закон за Водно за на тој начин планината подобро да се заштити од градежната експанзија, но и Скопје од евентуални поплави. Со Одлуката пак, којашто ја планира власта, би се заштитиле само растителниот и животинскиот свет.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button