Обвинение за учесник во странска војска баран со потерница

По спроведена истражна постапка надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд достави Обвинителен акт против дваесет и четиригодишниот И.Т. од Скопје, за сторено кривично дело – Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации од член 322-а ст.3 од Кривичниот законик.
Обвинетиот е дел од групата опфатена во акцијата „Ќелија 2″. За потсетување, акцијата беше спроведена на седум локации во Скопје и Тетово, на 9 јули 2016 година и притоа беа уапсени четири лица – поранешни припадници на ИСИС, а подоцна беше лишено од слобода уште едно лице. За останатите три лица меѓу кои и обвинетиот И.Т. беа распишани национални и меѓународни потерници.
Имајќи ги предвид специфичноста, видот, тежината и начинот на извршување на кривичното дело, како и меѓународниот карактер на истото, а воедно и фактот дека обвинетиот долго време бил недостапен на органите на прогонот, обвинителството со Обвинителниот акт достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор определена од судија на претходна постапка.