Обвинителката Наташа Крстевска Цалева ќе раководи со Вишото јавно обвинителство додека трае кривична постапка на Мустафа Хајрулахи

Обвинителката од Вишото јавно обвинителство Наташа Крстевска Цалева ќе ја презема функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство, додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи.
Ваквата одлука беше едногласно донесена денеска на седница на Советот на јавни обвинители, каде што беше посочено дека вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи не може да раководи со Обвинителството со оглед на тоа дека против него се води кривична постапка.
Предлогот за преземање на функцијата од страна на Крстевска Цалева беше посочен од страна на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцески, како еден од можните девет јавни обвинители во Вишото јавно обвинителство кои што би можеле да ја преземат функцијата да раководи со Обвинителството.
— Сметам дека овие сега што ги има на број, треба навистина да се назначи обвинител којшто има интегритет, којшто нема никакви забелешки на неговата работа и обвинител кој ги врши сите работи. Јас како државен јавен обвинител можам да кажам дека во Вишото јавно обвинителство има обвинители кои што можат да ја вршат функцијата. Јас нема да предложам ни двајца, ниту тројца, туку само еден, а тоа е обвинителката Наташа Крстевска Цалева која што овој совет ја избра едногласно. Убеден сум дека може да ја врши функцијата чесно, законито и праведно, нагласи Коцевски.