ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Обвинителството го истражува убиството на мигрантката кај Гевгелија

Од Обвинителството разгледуваат дали има основи за да се отвори предмет против полицаецот кој евентуално го испукал куршумот со кој илегална мигрантка вчера го загуби животот кај Гевгелија. Обвинителството денеска излезе со детали за инцидентот што се случи кога полицајци затекнале криумчарење мигранти, а криумчарите пружиле отпор.

Advertisements

„Со цел да бидат обезбедени затекнатите лица, полициски службеник презел дејствие и ги предупредил со ‘стој полиција’. Додека преземал дејствија за лишување од слобода на првоосомничениот, осомничениот физички го нападнал полицискиот службеник и во текот на нападот бил испукан куршум од службениот пиштол, кој предизвикал фатални последици завршувајќи во тело на мигрантка, која веќе била сместена на задното седиште во возилото“, наведуваат од Обвинителството.

„Имаме уапсено две лица, криумчари на мигранти, коишто воедно се обидоа да ги нападнат полициските службеници и да биде одземено службеното оружје на едниот од полициските службеници и токму во тој момент имаше реакција од страна на полициските службеници“, рече Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи.

Во меѓувреме, министерот Спасовски информираше дека нема интензивно зголемување на нелегалната миграција и таа е во рамки на предвидувањата. Според него, поради преземените активности земјава повеќе не е атрактивна за транзит на мигранти. Тој ова го кажа по официјалното започнување на заедничката операција на нашата полиција со европската агенција за заштита на границите, ФРОНТЕКС. Нејзиниот прв човек, Ханс Лејтен кажа дека нивната мисија не значи само заштита на граници, туку и заштита на животи.

„Оваа важна операција ја нагласува зголемената соработка меѓу Европската Унија и Северна Македонија. Нашите припадници доаѓаат од 13 земји, но стојат заедно, обединети во целта“, рече Лејтен.

Договорот за ФРОНТЕКС е прв потпишан договор меѓу Скопје и Брисел, а операцијата за заштита на границите со полициски службеници од земјите на ЕУ веќе се спроведуваше со билатерални договори, по напливот на мигранти во 2015-тата година.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button