Обвинителството најави обвиненија за пожарот во Тетово, но никаде ги нема

Сè уште ниту еден конкретен чекор од Јавното обвинителство во однос на најавените обвиненија за пожарот во модуларната болница во Тетово.
Иако јавноста веќе два месеца чека обвинителството да ги поднесе најавените 4 обвиненија, оттаму тврдат дека сè уште работеле на случајот.
„Обвинителството работи на подготовка на обвиненијата и кога ќе бидат готови јавноста навреме ќе биде известена за сите детали од утврдувањето на кривичната одговорност”, изјавија од Јавно обвинителство.
Ваков став искажа и главниот обвинител Лубомир Јовески, но пред два месеца, кога рече дека обвиненијата ќе бидат поднесени многу брзо.
Пред еден месец Алсат ексклузивно ги откри наодите на истражната група и намерите да се поднесат четири пријави, три против физички и против едно правно лице.
Извештајот на обвинителите е упатен до Републичкото обвинителство, но постапката во моментов е закочена меѓу предистражната и истражната фаза, барем додека обвинителството не излезе со конкретни кривични пријави.
Во текот на предистражната постапка повикани да дадат искази биле над 30 лекари и медицински сестри кои кобната ноќ кога модуларната болница ја зафати пожар, беа ангажирани во КОВИД центарот. Биле повикани и очевидци, како и членови на семејствата кои доброволно се пријавиле да сведочат.
Во истрагата беа вклучени и германски експерти, чиј извештај пристигна пред четири месеци. На 8 септември минатата година во пожарот загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти и две лица кои се грижеле за нивните болни роднини.
Адријан Керими