ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Обвинителството не најде докази против приведениот за дојавите за бомби низ училиштата

Лицето кое синоќа беше приведено поради постоење на сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во неколку средни училишта, е пуштено на слобода откако по извршениот распит и претрес во неговиот дом, првичните вештачења не покажале негова поврзаност со испратените пораки, соопштија денеска од Јавното обвинителство.

Advertisements

„Со оглед дека првичните вештачења не покажаа поврзаност на лицето со испратените пораки, лицето по извршениот распит е пуштено на слобода“, наведуваат од Јавното обвинителство.

Полицијата го сослушала осомничениот за заканувачките пораки со лажни аларми за бомби во средните училишта во Скопје. По извршениот информативен разговор, 23-годишниот Никола Николовски е пуштен на слобода, а во неговата куќа бил извршен претрес. Од полицијата велат дека се работи на целосно расчистување на случајот.

„Со лицето е извршен службен разговор. Во координација со јавното обвинителство, извршен е домашен претрес, предметите се преземени за вештачење и се преземаат мерки за расветлување на случајот“, наведоа од МВР.

По апсењето на младиот човек, први реагираа од аналитичкиот центар Conservative.mk. кои нагласија дека нивниот активист нема никаква врска со овие настани. Дури и самиот Николовски преку социјалните мрежи негираше дека испраќачот на лажните дојави за бомби, опишувајќи ги обвинувањата како апсолутни невистини.

„Информативен разговор, претрес на мојата куќа од 10 полицајци, меѓу кои имаше и вооружени лица, кои ме спроведоа од полициската станица до куќата во придружба на вооружени полицајци како да сум најлошиот голем криминалец, обвинувајќи ме за кривично дело кое не сум го сторил“, рече Никола Николовски.

Не изостанаа ниту реакции на политичките партии. Во известувањето на МВР првично беа објавени само иницијалите на обвинетите. ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува полицијата за јавен линч на млад човек.

„Дали МВР и Спасовски ќе се извинат што јавно го линчуваа младиот човек чиј идентитет го објавија и го прогласија за бомбаш?!“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Движењето Беса побара од властите да ја зголемат безбедноста во училиштата.

„Апелираме до надлежните органи што поскоро да преземат конкретни чекори и да го подобрат нивото на безбедност во сите училишта, учениците да се чувствуваат безбедно додека го следат образовниот процес“, изјави Филиз Ндоци, Движење Беса.

Електронските пораки со лажни дојави за поставени бомби почнаа да се испраќаат до училиштата од 26 октомври. Оттогаш ова е речиси секојдневна појава, а наставниците и учениците постојано се евакуираат.

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button