ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Од денеска максимум 10 денари јајце, 60 денари килограм ориз

Производителите на јајца и ориз, како и другите компании чии производи се продаваат по замрзнати цени, уверуваат дека и покрај загубите што може да ги претрпат, нема да ги остават граѓаните без основна храна. Домашните јајца и оризот од денеска се продаваат по референтните цени од 15 март. Тоа значи максимум 10 денари за јајце и 60 денари за килограм ориз. Од здружението на земјоделци велат дека на дневна основа успеваат да произведат околу 800.000 јајца и оти тоа е доволно за покривање на потребите на домашниот пазар. Ќе се извезува само вишокот затоа што и на другите пазари има голема побарувачка.

Здруженија на земјоделци:

„Има голем недостиг на јајца не само на домашниот пазар, туку и во целиот регион и пошироко. Тоа се должи на многу фактори. Еден од нив е птичјиот грип во некои други земји.“

Производителите на ориз пак, стравуваат дека замрзнувањето на цените може директно да ги погоди зашто трговците ќе ги намалат цените и ќе го одложат плаќањето.

„Пред да донесеме каква било одлука мора да размислиме и за последиците врз нас производителите од владините одлуки кои не се во согласност со нашите потреби за производство на ориз и кои ја негираат нашата желба да ги обработуваме земјоделските површини“, велат домашните производители на ориз.

Од Царинската управа пак, информираа дека во последниве денови имало пораст на извозот на јајца. Имено, во периодот од 17 до 21 март околу 40 отсто од јајцата биле извезени во странство. Од денеска тој процент може да достигне само до 30.

Царинска управа:

На 17 март извезени 298.080 јајца
На 21 март извезени 302.400 јајца

Граѓаните пак, претежно со ниски плати, секојдневно се соочуваат со високи цени. Во една ваква ситуација, министерот за финансии вели дека долгорочно треба да се зголемува животниот стандард.

„Зголемувањето на минималната плата што не дојде како резултат на преговори годинава, туку дојде како резултат на владиниот пристап кон систематски работни решенија, да се обезбеди животен стандард и во исто време да се следи продуктивноста за растот на економијата. Годинава имаме и зголемување на просечната плата, а цените пораснаа покрај минималната плата од само 10 отсто“, рече Фатмир Бесими, министер за финансии.

И додека Стопанските комори критикуваат дека цените се вештачки замрзнати и оти Владата треба да ги намали даноците и другите обврски за навистина да им помогне на граѓаните и фирмите, надлежните систематски најавуваат нови анализи за можно замрзнување и на месните производи, но и на овошјето и зеленчукот.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button