ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Од месецов уште повисоки плати за функционерите

Нови 400 евра ќе легнат на сметките на функционерите со јануарската плата, информираат од Независниот синдикат на државната администрација. Покачувањето се должи на растот на просечната плата во државата за претходната 2023 година. Овие 400 евра се само надополнување на зголемувањето од 78%, кое од април веќе го добија околу две илјади лица, меѓу кои и претседателот, премиерот, министрите, пратениците, градоначалниците, судиите и други. Па така, според пресметките на Независниот синдикат на државната администрација, од 160 илјади денари, месечните примања на Пендаровски, Ковачевски и Џафери на крајот на месецов ќе се искачат на 184 илјади денари, односно три илјади евра, а по нив следуваат Артан Груби и Фатмир Битиќи со по околу 175 илјади денари.

Сепак, Битиќи во ноември кажа дека ова ново зголемување од 400 евра нема да биде предвидено со новиот буџет и Владата одлучила за нивните функционери да не се покачува јануарската плата. Инаку, по револтот во јавноста уште од одлуката на Уставниот суд од март, власта најави дека ќе бара решение за покачувањето од 78%, но единствено констатираа дека би биле неопходни измени на дури седум закони. Измени не поднесе ниту опозицијата чии пратеници и градоначалници имаат повисоки плати. Од ВМРО-ДПМНЕ денеска негодуваа за евентуалното јануарско покачување, но не понудија решение.

„Платите на Ковачевски, Пендаровски, Џафери, Спасовски, Груби, Османи, Маричиќ, Грковска, Петровска и останатите министри во владата на СДС и ДУИ согласно законот за раст на просечна плата ќе пораснат за дополнителни 400 евра оваа 2024 година“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно Ковачевски кажа дека темата за намалување на платите на избраните и именувани лица не е завршена, но за тоа да се случи треба да се согласни и  министрите и пратениците и претставниците на судската власт. Од СДСМ денеска не ги коментираа повисоките функционерски плати. Од владејачката партија се задржаа на порастот на просечната плата која веќе изнесува 39 илјади денари, а најавија и повисока минимална плата во март, преку новата методологија.

„Во новата година продолжува растот на платите и пензиите, со СДСМ секој работник добива повеќе. Веќе од месец март следува ново покачување на минималната плата на 22.500 денари. СДСМ за шест години ја зголеми минималната плата четири пати, а оваа 2024 година следува и ново зголемување“, рече Елена Устамитова – СДСМ.

Инаку, покачувањето на функционерските плати од 78% е предвидено и во новиот буџет за 2024 година, иако се очекуваше дека во период од април до декември ќе се врати во сила старата пресметка на функционерските плати. Тоа не се случи, а неодамна во телевизиско интервју спикерот Талат Џафери, кој е претендент за позицијата технички премиер, кажа дека темата за платите нема да биде дел од неговите приоритети и ќе се задржи на организацијата на изборите. Техничката Влада се очекува да почне со работа на 28 јануари, па најверојатно ова прашање ќе чека нов парламентарен состав и нова Влада.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button