ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Од утре ќе почне увозот на масло за јадење од Србија

Србија ја крена рампата за извоз на два милиони литри масло за јадење за во Македонија. Испораката ќе почне од утре, но оваа количина ќе биде доволна за еден месец. Според министерот за земјоделство Љупчо Николовски, со српските власти веќе се договарале и следните количини на зејтин кои треба да се увезат во идниот период. Властите забележуваат дека граѓаните без потреба купуваат големи количини.

Advertisements

„Фактот што за сопствени потреби набавуваат два пати или три пати повеќе од претходно што било потребно за секое домаќинство, говори дека во таа паника се складираат одредени количини непотребно“, рече Николовски.

Поради ова, по препорака на Министерството за економија, трговците не треба да дозволуваат едно лице да купи поголеми количини зејтин. Инспектори веќе проверуваат како се спроведува мерката.

„Од страна на инспекторите на терен не е констатирано дека трговци пријавиле граѓани кои имале намера да купат повеќе од еден пакет масло за јадење“, наведоа од Државниот пазарен инспекторат.

Но, изминатиов период, инспекторите забележале дека имало случаи кога граѓани купувале големи количини, а потоа на црно ги препродавале за повисока цена. Во поголемите маркети драстично се зголемила продажбата на зејтин во последните две недели.

Ако во просек еден дуќан продавал по сто литри месечно, деновиве продажбата се зголемила на 300 литри. Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека не можат да најдат зејтин во маркетите, а дел од нив додаваат дека не трошат повеќе од еден литар месечно.

„Денеска не сум побарала, инаку немаше никаде, таму јас каде што сум поминала.
-Колку зејтин користите ако не е тајна?
Литар и половина месечно.“

„Јас дома имам половина литар и не ме интересира повеќе.
-Колку трошите ако не е тајна?
Еден литар во месецот“, велат граѓаните.

Освен што го нема во малопродажба, маслото за јадење и драстично поскапе. Зејтинот пред неколку месеци беше производот кој го започна бранот на поскапувања. Денеска едно шише достигнува цена и до 140 денари, а пред само неколку месеци цената беше за 50 отсто пониска.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button