ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Одбраната бара ослободителни пресуди за обвинетите организатори на „27 април“

Обвинетите организатори на насилниот 27 – ми април не може да одговараат за терористичко загрозување на уставниот поредок, смета нивната одбрана. Адвокатите посочуваат дека деловничко постапување во Собранието на тогашниот спикер Трајко Вељаноски, сега обвинет, не може да биде никако акт на насилство. Не постоела интензивна комуникација помеѓу обвинетите, како што сакало да покаже обвинителството.

„Со анализа на доказите јас не можам ништо друго да предложам освен ослободителна пресуда за моите клиенти“, рече Еленко Миланов, адвокат.

Миланов смета дека улога во конечната одлука на судот околу евентуална вина на обвинетите за организација на 27 – ми април, треба да има сведочењето на премиерот Зоран Заев, кој прстот за организација на насилниот упад го впери само во бегалецот Никола Груевски.

„Ако имаме премиер кој сведочеше овде од таа позиција после четири години со пристап до сите безбедносни информации со пристап до сите можни информации од тој аспект, јасно е од неговото сведочење дека Трајко, Миле и Спиро не се организатори на овој настан…“, вели адвокатот Миланов.

Вељаноски посочи дека до месец март 2017 – та година не знаел дека се подготвува конститутивна седница во Собранието.

„Што правеа политичките партии јануари, февруари и март? И после кој е крив? Претседавачот Трајко Вељаноски е крив и ќе ме товарат мене за терористичко загрозување на уставниот поредок. Срамота. Девет години претседател на Собрание сум бил и ќе ме товарат мене за загрозување на уставниот поредок кој јас сум го бранел девет години во Собрание“, рече Трајко Вељаноски, обвинет.

Обвинителството за организиран криминал и корупција пред пет дена во завршниот збор посочи дека преку доказите докажале оти Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски се виновни и правеле сè за да спречат мирно предавање на власта.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button