Одложено судењето на обвинетите во случајот Бањска во Косово

Основниот суд во Приштина одлучи да го одложи првото рочиште за случајот Бањска врз основа на обвинението покренато од Специјалното обвинителство на Косово против 45 лица за тероризам и тешки кривични дела.
Ново рочиште е закажано за 9 октомври, по барање на обвинетите, кои побараа дополнително време за подготовка. Огромното мнозинство од обвинетите се во бегство.
Претходно, под силно полициско обезбедување, во Специјалниот оддел на приштинскиот суд утрово беа доведени тројца од обвинетите – Душан Максимовиќ, Владимир Толиќ и Благоје Спасојевиќ, кои беа уапсени непосредно по нападот, на 25 септември минатата година.
Судскиот процес го води судијата Арбен Хоти, а присутен е и специјалниот обвинител Наим Абази, кој предложи на останатите 42 обвинети, меѓу кои и водачот на групата, поранешниот потпретседател на партијата на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, да им се суди во отсуство.
На ова се спротивстави адвокатот на обвинетиот Спасојевиќ, кој рече дека судењето во отсуство на 42 обвинети лица е невозможно и за тоа нема претпоставки согласно член 303 од Законот за кривична постапка.