Охрид, грејната сезона ги загрижува локалните власти

За да се спасат од високите сметки за електрична енергија, оваа зима, некои од училиштата во Охрид, почнаа со поставување на фотоволтаични централи, кои ги добија како донации. Таков е примерот со Средното општинско стручно училиште.
„Ќе се грееме на електрична енергија сега имаме и сопствено производство на електрична енергија. Значително ќе се намалат сметките за струја. Околу 50 посто би се намалиле трошоците за греење“, рече Ристе Јанковски.
Локалните власти најавуваат поставување на вакви системи со сопствени средства и во други училишта во општината. Но, велат дека без помош од државата, општините нема да можат сами да се справат со сметките за струја и престојната грејна сезона. Стравуваат од високи сметки.
„Ние поминавме една пеколна година по однос на цената на струјата, посебно настрада јавното претпријатие Водовод, каде за една година генериравме долг од преку милион и четиристотини илјади евра, затоа што беше невозможно да се следи сето тоа како тренд кој настана со цената на струјата на берзата. Дека е потребна помош секако дека е потребна“, рече Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Од општината очекуваат и зголемување на блок дотациите за набавка на нафта и струја.
Мики Трајковски