ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Охрид СОС: Владата задоцни, објектот „Парк“ е веќе урнат!

И покрај силните реакции од јавноста и стручната фела, минатата недела беше срушен објектот на некогашниот ресторан Парк во Охрид, кој е ремек дело на архитектурата. Граѓанските активисти како задоцнета ја оценуваат вчерашната одлука на Владата со која ѝ се укажува на општина Охрид, да превенира градежни работи на оваа локација, сѐ до утврдување на фактичката состојба од страна на стручната комисија на Министерството за транспорт и врски, која ќе изврши увид во процесот на издавање и спроведување на одобрението за градење.

„Институциите имаа цел еден месец да постапат навремено и да го превенираат ова што сега се случува. Охрид СОС, оваа вчерашна иницијатива на министерството за култура и последователните активности на владата ги смета за ништо повеќе од контрола на штета, но не контрола на штета што е направено врз природното и културно наследство на Охридскиот регион, туку контрола на штета врз рејтингот и врз политичкиот капитал на партијата која е на власт“, вели Драгана Велковска-Охрид СОС.

На оваа атрактивна локација според најавите треба да никне хотелски објект, иако истата се наоѓа на само педесет метри од брегот на Охридското езеро, која е заштитена зона и каде не смее да се гради. Ова според активистите ќе биде уште едно алиби за ставање на Охридскиот регион на листата на загрозени подрчаја под заштита на УНЕСКО, што е сѐ поизвесно. Од Владата информираат дека од општина Охрид било побарано, во рок од два дена да достави информација за важноста на одобрението за градба на локацијата. Министерката за култура, Ирена Стефоска, пред неколку дека побара, владата да им ги одземе ингеренциите на Охрид и Струга, бидејки двете општини немале волја за заштита на светското природно и културно наследство.

„Ако министерката вистински сака да помогне во делот на отстранување на објектите, треба да помогне да се обезбедат 60 милиони денари финансии кои повеќе пати ги бараме. За да можеме да ги имплементираме сите препораки за рушење на сѐ она што е законски издржано и маркирано како значителен штетен импакт кон езерото статусот и животната средина, потребни се овие финансии кои општината ги нема“, вели Константин Ѓеорѓиески-градоначалник на Охрид.

Струшкиот градоначалник Мерко и понатаму тврди дека во Струга нема дивоградби и оти тие не го загрозувале природното и културното наследство. Со заклучок, Владата вчера им укажа на општините Охрид, Струга и Дебарца до донесувањето на новите урбанистички планови кои ќе бидат усогласени со Планот за управување, изградбата на објекти,задолжително да се врши со издавање на заштитно-конзерваторски услови и задолжително да се постапува според насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button