ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Охрид веќе нема ковид-тестови со плаќање, граѓаните мора да одат во други градови

Во Центарот за јавно здравје во Охрид не се вршат тестирања за Ковид 19 со плаќање. Поради тоа голем број граѓани од регионот на Струга и Охрид кои треба да патуваат во странство се принудени прво да заминат за Скопје, Тетово или Битола, каде можат да се тестираат. Најчесто станува збор за иселеници, студенти, бизнисмени и превозници. Некои од нив се жалат дека губат време и пари за нешто што може да го завршат и во Охрид, ако државата подобро се организира.

„…Претставуваше проблем бидејќи ми го кратеше времето за подготовка за Словенија. Ако не го направиме тој тест, ќе седиме карантин во Словенија. Има многу студенти кои исто одеа во Битола за да направат тест“, рече Евгенија Бурназовска- студентка во Словенија.

„…Јас сум на дијализа пациент и мора да го синхронизирам времето на патување. Патувам во странство. Треба последната дијализа овде да ја правам и следната во странство. Не можам да разберам зошто во Охрид е затворено…“, вели една жителка на Охрид во странство.

Од Центарот за јавно здравје не кажуваат зошто од почетокот на годинава повеќе не ја даваат оваа услуга.

„Центарот за јавно здравје Охрид е во процедура на изнаоѓање начин за вршење на услуги, односно приватни тестирања со ПЦР тестови согласно законските прописи“, велат од Центарот за јавно здравје, Охрид.

Реагираат и матичните лекари. Велат дека не знаат каде да ги упатуваат луѓето кои треба да патуваат во странство. Поради многуте нејаснотии, многу граѓани помош бараат дури и во туристичките агенции.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button