ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Силјановска: Тоа што ќе го ветам, ќе го остварам на мој начин

По објавувањето на првичните резултати, кандидатката Гордана Силјановска Давкова вети дека како претседател ќе работи на создавање единство. Таа најави дека ќе соработува со, како што вели, партијата што ја предложила, но и со опозицијата. Според неа, претседателот треба да биде натпартиска личност, а резултатот од првиот круг го оцени како „инспиративен“.

„На пати дури и се срамам зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат. Не мислам дека сум посебна во многу работи, само знам дека она што ќе го ветам , ќе го остварам и тоа на мој начин“, рече Давкова.

Стево Пендаровски пак, истакна дека не очекувал толку висока предност за неговата противкандидатка. Тој вели дека од денеска се почнува од нула и очекува поголема поддршка во вториот круг.

„Очекувам една значително поголема бројка од граѓаните да го препознаат концептот кој го промовирам изминатиов период, а со кој македонската јавност е добро запознаена – демократска и просперитетна држава, дел од евроатлантските интеграции, рамноправна со сите други, а внатре се разбира – одржување на виталната оска за македонската стабилност и безбедност, а тоа се меѓуетничките односи“, рече Пендаровски.

Според третопласираниот Бујар Османи, Европскиот фронт е локомотивата за европската иднина на државата. Тој кажа дека гласот за него и фронтот е аманет за иднината.

„Ќе биде одлука за идните политики на оваа држава. Денеска Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите… докажаа дека тие сами одлучуваат за својата судбина и никогаш нема да дозволат некој друг да одлучува за нив. Волјата на народот денеска е јасна и треба да се почитува од сите“, рече Омани.

Од друга страна, Арбен Таравари истакна дека масовната излезеност покажува дека промените се започнати.

„Земјотресот по се изгледа дека денеска почна со масовното учество на граѓаните во изборите, а се надевам дека на 8 мај ВЛЕН ќе победи и ќе дојде долгоочекуваната промена ДУИ да биде во опозиција“, истакна Таравари.

Максим Димитриевски нагласи дека со поддршката од својата партија испишал историја и се родила третата политичка сила во македонскиот блок.

„По завршување на парламентарните избори, ЗНАМ ќе биде политичкиот фактор за стабилност во државата, без кој нема да може да се формира идната Влада во државата“, рече Димитриевски.

Билјана Ванковска и честиташе на Силјановска и најави дека нема да тргува со гласовите, за евентуална поддршка во вториот круг.

„Понудив визија која е зад две брда, така што отидов предалеку во тоа што го прогнозирав. Јас длабоко се надевам дека грешам во прогнозата и дека народот нема да се разочара после година или две од владеењето на новата претседателка“, рече Ванковска.

Најслаб беше исходот за Стевчо Јакимовски, според кого, резултатите не се задоволителни.

„Далеку се од очекувањата, но како и да е, битно беше дека граѓаните на Република Македонија имаа избор, бираа меѓу седум кандидати“, рече Јакимовски.

Силјановска и Пендаровски уште денеска продолжуваат со изборната кампања, за претстојниот втор круг закажан за осми мај.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button