
Како што пренесува „Дејли меил“, истражувачите во раните фази на истражувањето утврдиле дека вакцината безбедно го формира имунолошкиот одговор на организмот кон коронавирусот.
Тим истражувачи од Универзитетот во Бристол откриле дека вакцината му дава „упатства“ на организмот за COVID протеинот, кој клетките го копираат илјада пати побрзо и во големи количини. Ова значи дека во овие случаи, човечкиот имунолошки систем е во состојба да го препознае вирусот и да се бори против него без да се зарази со COVID-19.
Д-р Дејвид Метјуз, од Факултетот за молекуларна медицина во Бристол, кој го води истражувањето, вели: „Досега, технологијата не беше во можност да даде одговори со толкава јасност, но сега знаеме дека вакцината прави сè што се очекуваше и тоа е добра вест во нашата борба против болеста“.
Резултатите од истражувањето се објавени откако претходно Главниот научен советник, Сер Патрик Валенс, оцени дека широко распространетата употреба на вакцина за Ковид-19 веројатно нема да се случи пред следната година, дури и ако се достапни „неколку дози“ пред Божиќ.
Говорејќи на прес-конференцијата во Даунинг стрит, Сер Патрик Валенс рече:
„Работите напредуваат добро, има вакцини кои произведуваат имунолошки одговор, тие се во фаза на клинички испитувања, треба да видиме некои конкретни податоци до крајот на оваа година, но јас останувам на ставот дека можноста за пошироко распространета употреба на вакцината нема да биде до пролет или до следната година, до кога ќе добиеме доволно дози и доволно разбирање за резултатите за да ги користиме.“
Главниот научен советник на Обединетото Кралство, исто така, изрази убедување дека Ковид-19 веројатно никогаш нема да исчезне и оти вакцината нема потполно и веднаш да го спречи неговото ширење.
Сер Патрик очекува дека вирусот еден ден ќе стане како грип и ќе предизвикува епидемии секоја година, додавајќи дека министрите и експертите треба да престанат со „премногу ветувања“ и да бидат реални во врска со изгледите за вакцина.