ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Оливер Спасовски кажа кога ќе одлучи за влезот на бугарскиот пратеник Џамбаски

Владата сè уште нема донесено одлука за предлогот на претседателот Стево Пендаровски да се забрани влез во земјава за бугарски европратеник и други бугарски државјани. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во чија надлежност е мислењето според Законот за странци, не открива за кои и колку лица станува збор.

„За секоја одлука треба да има и време и момент кога таа ќе биде донесена“, рече Спасовски.

Прашање: Ако се појави Џамбаски на граница на 4-ти февруари, ќе го вратите ли?

„Ќе одлучиме на четврти февруари“, рече Спасовски.

Во меѓувреме, европратеникот Ангел Џамбаски најави дека ќе дојде во Скопје на четврти февруари, кога ќе се чествува раѓањето на Гоце Делчев.

Инаку, шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека секогаш тешко се решаваат сензитивните прашања во односите со Бугарија, кога таму настапува предизборен период, но ние, како што додаде, треба да одговараме ладнокрвно запазувајќи го нашиот национален интерес. Според Османи и Спасовски, од ваквите односи на релација Скопје-Софија се обидуваат да поентираат трети страни.

„И во Република Северна Македонија има секогаш фактори коишто сакаат Република Северна Македонија да се одвлече од патот кон Европската унија, да се одржи една перманентна латентна криза, бидејќи тогаш трети фактори од надвор најдобро си го имаат своето влијание“, рече Османи.

„Сите овие активности коишто се земаат за да се спречи патот на Република Северна Македонија кон Европската унија се истите кога го водевме патот за членство во НАТО и се поврзани со геостратешките интереси. Дека има влијание од други земји коишто сметаат дека овде им се испреплетуваат нивните геостратешки интереси – има“, рече Спасовски.

Од друга страна, бугарскиот европратеник и известувач за земјава Илхан Ќучук, одговарајќи на прашањето на бугарски медиуми, дали е можно ново вето од Софија на евроинтегративниот пат на Македонија, рече дека тоа би било огромна грешка и ќе ги влоши билатералните односи.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button