ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Таравари: „Можеби е добро Алијанса за Албанците да продолжи во опозиција“

Шефот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, од премиерот Ковачевски бара одредена сигурност дека уставните измени ќе се направат до крајот на годинава. Ова, според Таравари, ќе послужи за да се донесе одлука за можен влез во Владата.

„Услов, не може да се каже дека е услов затоа што никој во овој момент не може да гарантира и да каже дека бројот 80 за уставни измени ќе биде сигурен, но ни треба одредена сигурност дека барем е веројатно, некаква гаранција дека е веројатно уставните измени се направат годинава, инаку не гледам логика зошто би разговарале или зошто да ги продолжиме разговорите. Секогаш велам дека ако Алијанса за Албанците не влезе во Владата, земјата ќе оди на избори, со голема веројатност“, рече Таравари.

Таравари додава дека апсолутен услов останува пакетот презентиран пред меѓународната заедница, во кој има и иницијативи за конкретни чекори кон борбата против корупцијата.

Сепак, некои од партнерите од владиното мнозинство го отфрлија влезот на Алијанса или се резервирани за проширување на мнозинството. Сè додека Алтернатива е против, Демократскиот сојуз на Павле Трајанов бара да не се зголемува бројот на министри Албанци.

„Не одиме со зорт во Влада. И да нема интерес, ќе продолжиме во опозиција, бевме и можеме да продолжиме во опозиција. Немаме никакви проблеми“, вели Таравари.

Таравари очекува координација меѓу коалициските партнери за да се види дали партиите официјално ќе ги започнат преговорите.

„Оваа работа не може да трае вечно. Ни треба најмногу за овие две недели да ја расчистиме оваа работа. Или ги започнуваме преговорите или продолжуваме во опозиција и мислам дека можеби е добро Алијанса за Албанците да продолжи во опозиција“, вели Таравари.

Лидерите на партиите од владината коалиција деновиве ќе ги интензивираат разговорите за разгледување на можноста за проширување на мнозинството.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button