Омбудсманот вели дека се соочува со финансиски и кадровски проблеми

Народниот правобранител, кој е меѓу клучните институции, наместо да се грижи за следењето и заштитата на правата на граѓаните, се соочува со сериозни проблеми во своето функционирање. Насер Зибери, на конференцијата за засилување на парламентарниот надзор во промоцијата и заштитата на човековите права, истакна дека не поседуваат финансиска независност, доволни средства за реализација на проектите и соодветен кадар.
„Институтот Народен правобранител се соочува со сериозни проблеми во своето функционирање. Недостатокот на целосна финансиска, организациска и функционална независност, недостатокот на средства за реализација на проектите и за промоцијата и заштитата на правата на граѓаните кои се во надлежност на Народниот правобранител, недостатокот на кадровски потенцијал претставуваат сериозен проблем кој директно влијае на квалитетот, ефикасноста и нашата работа“, вели Зибери.
Зибери упати повик до претседателот на Собранието и пратениците да ги усвојат што поскоро измените на Законота за Народниот правобранител кои се во парламентарна процедура, со цел да аплицираат за акредитација во Обединетите нации.
„Пролонгирањето на одобрувањето на измените на Законот за Народниот правобранител директно ни ја скратува можноста за аплицирање и акредитација во меѓународното тело на Обединетите нации за добивање на статус, а што ќе значи, институција која е целосно независна за заштита на слободите и правата на граѓаните, нешто што речиси сите институции во регионот, иако формирани многу подоцна од нас, го постигнале овој статус“, вели Зибери.
Во опаѓањето на квалитетот и ефиканоста на работата на Народниот правобранител, Зибери вели дека влијае и неименувањето на заменичките на Народниот правобранител и за тоа побара од законодавецот да најде решение.
Суад Бајрами