ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Цените се објавени на Интернет, но производите не поевтинија

Дел од маркетите почнаа да ги објавуваат цените на производите на нивните веб страници, нешто што е нивна законска обврска, но поголемиот дел од граѓаните со кои Алсат денес зборуваше велат дека немаат време да пребаруваат на интернет и да споредуваат цените на илјадници производи низ маркетите. Постарите граѓани велат дека дури и не знаат како тоа да го прават.

Advertisements

„Не знам да ти кажам, не ги знам тие работи. Голема скапотија е. Скапо – не скапо мора да купиме, скап е животот. Не стига, мала е пензијата. До 10 дена и толку“.

„ние сме во поодминати години, со тие работи помалку се бавиме. Ништо од ова, тешко на граѓаните, ништо не бива…

„Интересно е што повеќе младите го употребува интернетот, а сега и постарите, но работата е во тоа што цените за прехранбени артикли, ќе треба време да се навикне народот, дали ќе можи тие цени да ги прати. Но е нешто ново тоа кај нас и ќе видиме како ќе биде“.

„Јас таа работа не ја работам, тоа го работи мојата жена и не ги гледам цените по продавниците. Така да тоа мене не ми е ни познато. Јас мислам дека мерката ќе даде резултат, само ако сите маркети ги истакнат своите цени да може човек да види“, велат граѓаните.

Охриѓани бараат и сопствениците на угостителски објекти во градот јавно и на интернет да ги објавуваат редовно цените на угостителските услуги, поради драстичното зголемување на цените на храната и пијалоците.

Од Пазарниот инспекторат во Струга велат дека сите поголеми синџири на маркети, како и големите локални маркети кои се опфатени со мерката, ја исполниле својата законска обврска или пак се во процедура тоа да го направат.

Пазарен инспекторат Струга:
„За сега нема проблеми. Маалските, односно микро маркети не се обврзани тоа да го направат. Мерката се однесува и на објектите од големата трговија, аптеки, продавници за бела техника, бутици и други. Во следниот период ќе се изврши контрола и на сите нив, се чекаат упатства за тоа“.

Од пазарниот инспекторат во Охрид, велат дека деновиве ќе почнат со контрола на сите поголеми маркети и други трговски објекти во градот. Од Фармацевската комора за Алсат велат дека заедно со Здружение на приватни аптеки, здружение на фармацевти Албанци, поголемите ланци на  аптеки, бараат итна средба со министрите за здравство и економија, за да им се појасни последната одлука во која се вклучени и тие, бидејќи како што велат тие не се трговци, туку даватели на здравствена услуга. Бараат да бидат изземени од ваквата мерка.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button