Алијанса на Таравари нема намера да ја напушти Владата, вели Фетаи

И покрај барањето на коалиционите партнери во власта, Алијанса за Албанците на чело со Арбен Таравари во моментов нема намера да ја напушти Владата. Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи вели дека работата и координацијата меѓу владините партнери е одлична, додека се надева дека нема да има еднострана одлука за нивно отстранување.
„Алијанса за Албанците е во Владата. Нема планови да се откажеме од нашите позиции во Владата. Продолжуваме да работиме секојдневно како ништо да не е сменето. Но, сега реков, ќе има консултации, верувам дека нема простор за еднострани потези од ниту една страна и дека мора да размислуваме во однос на стабилноста на оваа влада. АА со своите пет пратеници е клучна за одржување на стабилноста на овој состав“, вели Фетаи.
Но, вицепремиерот Изет Меџити е категоричен, тој вели дека не е можна соработка со ДУИ во Владата .
Политичките турбуленции и најави за заминување на АА од ВЛЕН и Владата почнаа кога АА на последната лидерска средба одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници, а не со заеднички кандидати со партнерите на ВЛЕН. По ова, ВЛЕН нагласи дека оваа акција на АА значи самоисклучување од коалицијата, додека ВЛЕН и ЗНАМ бараат исклучување на Таравари од Владата.
Зекирија Хаџиу