ВЕСТИЗДРАВСТВОМАКЕДОНИЈА

„Онкологија“, министерот Меџити ја смирува јавноста со видео-пораки

„Онкологија“, министерот Меџити ја смирува јавноста со видео-пораки

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска ги убедуваше пациентите на Клиниката за онкологија дека добиваат соодветна и квалитетна терапија. Во видеото што го споделија од Министерството, Меџити им вели на пациентите седнати во чекалницата дека сега веќе нема никакви пропусти и побара да им веруваат на лекарите од Клиниката.

Advertisements

„Да немате ни трошка сомнение дека не се дава терапија или дека се прави нешто… За тоа јас сум гаранција. Затоа дојдов да зборувам со сите доктори тука. Вие имате доверба, јас знам дека вие ги гледа овие доктори како сè. Ако некој се огрешил ќе одговора и тоа најригорозно ќе биде санкциониран, за тоа да бидете убедени. Но, ве молам верувајте на овие професионалци, на овие доктори“, изјави Фатмир Меџити – министер за здравство.

Министерот тргна да ги убедува пациентите низ клиничките ходници откако претходно се сретна со медицинскиот тим. Како што се вели во соопштението, лекарите на состанокот побарале да бидат заштитени од генерализирање на одговорност и од јавниот линч.

Во меѓувреме, продолжија партиските обвинувања за скандалот и меѓусебното посочување со прст за вината. Прашан што би направил доколку тој е на власт, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговори дека би ја скратил истрагата на максимални 24 часа.

„Згрозен сум уште повеќе што ја гледам власта како се препелка со сиот овој случај и ништо не презема и сите оние иницијативи коишто доаѓаат од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот, како што се анкетна комисија, собраниска седница и така натака, гледате дека тие ги одбиваат, а ги одбиваат затоа што се плашат“, рече Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Социјалдемократите пак, претходно прашаа дали Мицкоски се плаши што ќе покаже истрагата за тоа што се случувало, како што додадоа, години наназад. Тие денеска порачаа дека секој што бил вмешан ќе одговара.

„После 20 години гласини, за првпат МВР и Обвинителството влегоа на онкологија и направија акција за прибирање на обемен доказен материјал во врска со јавно изнесени обвиненија и сомнежи од страна на граѓани, медиуми, пациенти… Политизација и злоупотреба на случајот за ситни дневни политички поени е недозволива“, велат од СДСМ.
Додека политичарите пред јавноста најавуваат драконски казни за сторителите, од Обвинителството за Алсат информираат дека случајот сè уште е во фаза на предистрага и се анализираат докази.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button