ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Опозиција: Алармирани се меѓународните фактори за ситуацијата во ДИК

Доколку политичките партии не се договорат за изборот на новиот член на ДИК, првиот човек на Собранието Талат Џафери и понатаму смета дека нема ништо спорно институцијата за организирање на изборите да работи со член помалку. Џафери на неформална средба со новинарите додава и дека доколку партиите не постигнат договор, има време за нов оглас за член на ДИК каде од почеток би се повторила целата процедура.

Advertisements

Од друга страна, повеќе од извесно е дека ниту еден од двајцата кандидати кои ја добија поддршката од политичките партии ја нема потребната поддршка за да биде избран. Кандидатот на Европската демократска партија, Зулфи Адили е поддржан од власта, додека кандидатот на Европскиот сојуз за промени, Абдуш Демири е поддржан од опозицијата. Тоа оневозможува еден од нив да обезбеди 80 гласа на пленарната седница.

Албанската опозиција оценува дека доколку не се избере кандидатот кој ја има нивната поддршка, ќе се наруши соодносот меѓу власта и опозицијата во ДИК.

„Законот е јасен. Опозицијата се дефинира на последните парламентарни избори. Не може да се прогласи за опозиција некој кој формирал политичка партија пред два месеци. Денеска ги алармиравме сите меѓународни фактори во земјата и им кажавме дека нашите демократски алатки за борба против овој феномен кој се обидува да ги монтира демократските избори и мајските избори се на крај и доколку наидеме на игнорирање, ќе  бидеме принудени да ги радикализираме нашите чекори“, рече Орхан Муртезани, Алтернатива, Европски сојуз за промени.

Министерот за правда и функционер на Алијанса за Албанците Кренар Лога има друг предлог, и власта и опозицијата да бидат претставени со уште еден член во ДИК.

„Тоа е работа на Собранието и не сакам да коментирам како министер за правда. Од друга страна, како политичар знам дека во 2020 година имавме таква практика кога мнозинството во тоа време имаше пет члена во ДИК и двајца од опозицијата и изборите беа фер, слободни и демократски. Значи, ако еднаш имате таков принцип и тој поминал во вашиот систем зошто да не го дозволите повторно. Сум за проширување на составот на ДИК за уште еден член и решението на овој проблем ќе биде помалку болно“, вели Лога.

Ниту едно од двете имиња Абдуш Демири и Зулфи Адили вчера не го помина филтерот на Комисијата за избори и именувања. Претседателот на комисијата предложи двајцата кандидати  да одат на  пленарна седница, но опозицијата смета дека треба да оди само нивниот кандидат.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button