ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Опозицијата бара Џафери да одговора пред Етичкиот кодекс

Опозицијата бара претседателот на Собранието, Талат Џафери да одговара за прекршување на Етичкиот кодекс. Четврти ден откако во јавноста се појави снимка , на која се слуша како спикерот кажува вулгарни зборови од Собранието се уште нема никаква реакција, ниту демант за автентичноста на снимката. Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Џафери го прекршил членот 14 од Етичкиот кодекс, каде пишува дека „тешка повреда сторил пратеникот кој врши притисок на државните службеници и другите вработени во Службата на Собранието во извршувањето на нивните задачи“.

За повредата на Кодексот одлучува собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а нејзиниот претседател, пратеникот Панчо Минов, поради здравствени причини, денеска не одговори дали и кога би ја закажал седницата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека партијата нема да покрене интерпелација за Џафери, бидејќи за ова ги нема потребните 61 глас, а поддршка од СДСМ не очекува, зашто во спротивно би паднала Владата предводена од Ковачевски.

„И сега како ние да правиме интерпелација? Единствено да ги слушнеме како се препелкаат овие од СДСМ да го бранат Талат Џафери, којшто ги пцуеше мајките на вработените во Парламентот. Ете тоа е. Тоа се вредностите? Еве ја повикувам и меѓународната заедница, ако се тоа вредностите и ако стојат позади овие политичари, тогаш извинете, јас со такви вредности не сакам да живеам“, рече Мицкоски.

Премиерот Ковачевски веќе кажа дека нема да ја коментира снимката, затоа што на неа не може да се види кој кому се обраќа. Премиерот вчера беше во друштво на првиот човек на Собранието, Талат Џафери, со кого заедно го следеа натпреварот на „Шкупи“ во скопски Чаир. Ова е првпат спикерот да се појави во јавност по објавата на видеото, но се уште нема застанато пред медиумите. Денеска пак Џафери замина во работна посета на германскиот Бундестаг.

Инаку, доколку собраниската Комисија за деловнички прашања потврди дека Џафери направил тешка повреда на Етичкиот кодекс, тој ќе помине со „јавна опомена“.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button