Опозицијата бара оставки, шефот на државата одговорност по бегството на Мијалков

Шефот на државата, Стево Пендаровски, ги повика институциите да го пронајдат бегалецот Сашо Мијалков. Тој очекува и одговорност ако се утврдат пропусти во бегството на поранешниот шеф на тајната полиција.
„Вакви случувања се неприфатливи за земја која очекува да започне преговори за членство во Европската Унија и која напорно работи на реформирање на правосудниот систем и градење доверба во правната држава. Ова ги дискредитира напорите и надежите за справување со криминалот и високата корупција“, наведува Пендаровски.
Политичките партии веќе бараат одговорност од Владата. Според ВМРО – ДПМНЕ, со бегството на Сашо Мијалков е потврдена колаицијата Заеви – Мијалков. Но, не кажуваат дали во таа коалиција е и бегалецот Никола Груевски. ВМРО ДПМНЕ, каде Мијалков членуваше па беше исклучен од партијата, бара тој да ѝ биде испорачан на правдата во рок од 24 часа.
„Секој којшто бега од правдата треба да биде земен за одговорност и одговорност на оваа Влада е да ги обезбеди оние кои бегаат од правдата, односно секој којшто сторил кривично дело и за тоа секако има пресуда, треба да одговара“, рече Александар Николовски, ВМРО – ДПМНЕ.
Во Левица не се изненадени за бегството на Мијалков. Тие одговорноста ја посочија кај Заев. Партијата бара кривична одговорност од функционерите.
„Очигледно е дека и во овој случај, како што беше случај и со претходните бегства на осудени криминалци, раководните структури на МВР се директни соучесници во исполнување на ветувањата, кои премиерот Заев ги даде на криминалците од претходниот режим“, реагираат од Левица.
Од Алијанса за Албанците поставија постери од Сашо Мијалков пред зградата на МВР за да ги разбудат заспаните функционери.
„Повеќе од бегството на Сашо Мијалков денеска, нас не загрижува зошто ова лице кое беше главата на криминалот на поранешниот режим се дозволи да се движи слободено и му се дозволи да избега, точно во режимот на Заев. Бегството на овој човек денес е доказ дека ние не живееме во хибриден режим, туку ние живееме во еден режим тоталитарен и кој е секогаш на помош на криминалци и актуелен режим“, рече Омер Ајдини, Алијанса за Албанците.
Кривичниот суд в петок треба да ја објави пресудата за случајот со масовното прислушување „Таргет – Тврдина“.
Игор Стефановски