Опозицијата во Албанија запали столчиња пред парламентот
Опозицијата во Албанија запали столчиња пред парламентот

Пратениците на албанската десничарска опозиција во понеделникот (30 септември) ги извадија столчињата од парламентот и ги запалија во знак на револт поради затворската казна изречена на еден од нивните колеги.
Ервин Салијани, од најголемата опозициска Демократска партија, беше прогласен за виновен минатата недела за лажно сведочење во случај за трговија со дрога, кое беше насочено против брат на пратеник од владејачката Социјалистичка партија.
Судиите се посомневаа дека некои опозиционери направиле лажни снимки.
Опозицијата го опиша апсењето и осудувањето на Салијани како „слеп чин на одмазда и политички терор против Демократската партија“ и го обвини премиерот Еди Рама дека стои зад сето тоа.
„Ќе ја продолжиме борбата против Рама, кој е единствениот одговорен за оваа ситуација“, изјави шефот на пратеничката група на Демократската партија, Газменд Барди.
Рама, пак, ја поздрави пресудата на судот за случајот, за кој рече дека ја „потресе“ јавноста. Тој реагираше и на случувањата во парламентот и на палењето на столчињата.
„Некој ми ја пушти оваа слика… Ова е оган запален со столчињата на пратениците избрани да седат и да ги претставуваат оние што ги гласале и тоа како знак на револт против судска одлука“, рече Рама порачувајќи дека од нив како политичари се очекува „одговорност, политичка претпазливост и посветеност на реформите кои ги опфаќаат европските вредности“.
Пратениците од опозицијата ги повикаа граѓаните на 7 октомври да се соберат во главниот град Тирана за да протестираат против Рама./RSE