ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Општина Тетово го обвинува СВР Тетово за почетокот на работите за проектот „Улица на бутиците“

Општина Тетово го обвинува Секторот за внатрешни работи во овој град дека го попречува почетокот на работите за проектот улица на Бутиците, кој како прекуграничен проект со општина Призрен е финансиран од ИПА фондовите.

„Да имавме општинска полиција, тој проект ќе почнеше многу порано. Барањето е направено многу порано, но јас немам согласност за регулирање на сообраќајот на тој пат за ние да излеземе и да дејствуваме таму. Ќе бидеме трпеливи и ќе побараме што поскоро СВР Тетово да даде одговор зошто немаме позитивен одговор за да продолжиме со овој проект, кој е важен, бидејќи е финансиран од европските фондови и треба да биде завршен во рок од временската рамка“, рече Билал Касами, градоначалник на општина Тетово.

Секторот за внатрешни работи ги отфрли обвинувањата на Касами, додека според СВР Тетово, проектот имал пропусти.

„При контрола на основниот сообраќаен проект констатирани се суштински пропусти како наизменично поминување на возилата од спротивни правци, а не целосен прекин на сообраќајот, како што е наведено во нивниот сообраќаен проект. Во основниот сообраќаен проект недостасувале печатите на правното лице. Нема законски печат на градежната дозвола за да се даде потребната согласност, потребно е да се отстранат сите приговори и да се коригира сообраќајниот проект и да се достави на повторно разгледување“, рекоа од СВР Тетово.

Овој прекуграничен проект предвидува враќање на улицата на Бутиците во старата состојба, калдрма во должина од 420 метри, како и поставување урбана опрема, додека во втората фаза се предвидува и враќање на стариот изглед на дуќаните кои се на оваа улица. Целиот проект ќе биде вреден околу 300.000 евра.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button