ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Општина Тетово ќе проверува дали претпријатијата имаат противпожарна заштита

По пожарот што го зафати магацинот во село Фалиште, општина Тетово ќе преземе акција за контрола на фирмите дали ги исполнуваат условите за заштита од пожари. Според првиот човек на општина Тетово, компанијата која минатата недела беше зафатена од пожар немала вградени вакви апарати, што им ја отежнало работата на пожарникарите.

„Утврдено е дека и во овој објект нема апарати што би било големо олеснување за пожарникарите за побрза интервенција. Разговаравме и дека во иднина ќе направиме детален увид во приватните фирми и јавните институции со висок ризик, за потоа врз основа на студијата да видиме кои институции и какви мерки треба да се преземат за да се намали ризикот од пожари во иднина кои освен што ќе го оштетат имотот, ќе го загрозат и здравјето на граѓаните“, рече Биљал Касами- градоначалник на општина Тетово.

За да обезбедат вода за гаснење на пожарот во отсуство на хидранти во фабриката која се запали, пожарникарите мораа да патуваат дури дваесетина минути.

„Има три објекти каде што неодамна интервениравме со часови, зборуваме за магацини или мини-фабрики кои произведуваат разни работи, каде што видовме дека ниту едно нема ниту хидранти, ниту противпожарни апарати. Тоа ни ја отежнува интервенцијата, а како што видовте со последниот пожар од големи размери, тоа влијае и на квалитетот на воздухот во Полог. Сега сите нови улици што се градат, бараме да имаат хидранти по маалата, бидејќи градот Тетово има тесни улици и нашето пробивање станува многу бавно“, рече Авни Амети- противпожарна бригада.

Главна причина зошто повеќето магацини и мали фабрики во Тетово немаат хидранти и скали за евакуација во случај на пожар, според нашите информации во општина Тетово е нелегалното градење на дел од нив, а кои дури потоа биле легализирани.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button