Орден „8 Септември“ за Андов и пратениците од 1990–1994 година

Претседателот Стево Пендаровски со орден „8 Септември“ денеска ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско Собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година. Во своето обраќање Пендаровски порача дека политичките елити во земјата треба одново да постигнат единство околу најважните прашања за иднината на Република Северна Македонија.
„Денес кога прославуваме триесет години од независноста, имаме повод и најдлабока причина да изразиме благодарност на генерацијата која ги постави фундаментите на македонската државност. Во изминативе децении беа одликувани првиот претседател на Републиката Киро Глигоров и првиот претседател на Владата Никола Кљусев. Денес, со Орден „8 Септември“ искажуваме почит кон пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година и на првиот претседател на тоа собрание, господинот Стојан Андов,“ истакна претседателот Пендаровски.