Орце Камчев нема да оди во затвор од 1 јуни

Осудениот бизнисмен Орце Камчев едногодишната затворската казна за „Империја“ нема да ја издржува во Скопје. Камчев пред пет дена го известил скопскиот кривичен суд дека ја променил адресата на живеење во друг град и тоа во Охрид. Тоа го направил и неговиот бизнис партнерот, Ненад Јосифовиќ.
„Судот ги изврши сите неопходни увиди за да ја потврди доставената информација, а по констатирање дека осудените лица во текот на постапката извршиле промена на адресата, Кривичниот суд, согласно член 7 став 2 од Законот за извршување санкции, според кој надлежен суд за извршување на санкцијата е судот според местото на живеење, денеска го достави предметот на понатамошно надлежно постапување на Основниот суд во Охрид“, наведуваат од Основен кривичен суд Скопје.
Алсат контактираше со претседателот на судот во Охрид, Васил Баткоски. Тој вели дека предметот досега не е пристигнат во судот, а потоа ќе биде распределен кај судија за извршување на санкции. Ова значи, дека Камчев и Јосифовиќ не треба на 1 јуни да се јават во скопскиот затвор во населбата Шуто Оризари, бидејќи тој упатен акт издаден од скопскиот суд веќе не важи. Камчев и Јосифовиќ ќе чекаат нов датум кој ќе им го определи судија од Охрид. Според висината на казната која им е определена на Камчев и на Јосифовиќ од по една година затвор, тие би требало казната да ја издржуваат во затворот во Струга. Тој затвор е од отворен вид и нуди поповолни услови за издржување на казната за разлика од затворот во Шутка. Камчев и Јосифовиќ во затворот во Струга ќе можат да одат на спиење доколку во текот на денот имаат работни обврски.
Претходно, оперативецот на Камчев, Зоран Милевски – Кичеец ја промени адресата на живеење и доби можност затворската казна од три години за случајот „Рекет“ да ја издржува во затворот во Струга. Тој едно време работеше како магационер во бар во Охрид.
Камчев и Јосифовиќ постигнаа спогодба за дела до 2009 година. Камчев за злоупотреба на службата и овластувања, додека Јосифовиќ се спогоди за делото перење пари. Камчев како дел од спогодбата преку фирмата „Кара“ Ад Скопје уплати на државна сметка над 5 милиони евра.
Игор Стефановски