Османи – Генчовска: Скопје и Софија остануваат посветени на евроинтеграцијата на регионот

Европската интеграција на Западниот Балкан претставува национален интерес, како на земјите кандидати за членство, така и на членките на Европската Унија, се согласија на денешната средба министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговата бугарска колешка Теодора Генчовска, која е дел од високата владина делегација на Република Бугарија, предводена од премиерот Кирил Петков, што денеска престојува во официјална посета на земјава.
Како што соопшти МНР, двајцата министри нагласија дека остануваат посветени кон процесот на приближување на регионот кон Европската унија и притоа ја акцентираа важноста на добрососедството и регионалната соработка, како влог во заедничката европска иднина.
„На средбата беше поздравен обновениот дијалог меѓу двете Влади, како и значењето на продолжување на интензивната комуникација на високо ниво, при што беше изразено уверување дека со новата динамика во контактите ќе дојде до преку потребното надградување на билатералните односи“, се наведува во соопштението Министерството за надворешни работи.