ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Осуда од македонските и бугарските власти за инцидентот во клубот во Охрид

Скопје и Софија го осудија инцидентот во Охрид. Премиерот Димитар Ковачевски повтори дека називите на клубовите будат негативни чувства кај граѓаните, но повика сите да се однесуваат европски, потсетувајќи дека согласно измените на Законот за здруженија, називите ќе треба да бидат сменети. Претходно, инцидентот го осудија и од МНР.

„Повикав нашите граѓани да бидат достоинствени и да се однесуваат согласно со европските манири, бидејќи сме држава членка на НАТО и држава којашто има отворено преговори со Европската унија и идна полноправна членка на ЕУ и затоа треба да бидеме на ниво на такво однесување“, рече Ковачевски.

„Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава. Ги повикуваме надлежните институции да ги истражат околностите под кои се случија овие вандалски активности“, наведоа од МНР.

Од бугарското Министерство за надворешни работи пак, ја повикаа нашата амбасадорка Агнеса Руси Поповска, за да ѝ врачат протестна нота.

„Ја забележуваме реакцијата на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, но категорично не прифаќаме вакви тешки кривични дела да се дефинираат како вандалски чин. МНР очекува надлежните органи во Република Северна Македонија што поскоро да преземат активности за откривање и изведување на сторителите пред лицето на правдата“, велат од бугарското МНР.

Настанот го коментираше и поранешниот бугарски амбасадор во Скопје Ангел Димитров, кој воедно е и ко-претседател на Мешовитата историска комисија. Според него, ова е акт на омраза.

„Инцидентот влијае на билатералните односи, но не и на работата на Комисијата. Ние имаме свој научен пристап“, рече Димитров.

Бугарскиот претседател Румен Радев коментирајќи го инцидентот рече дека Македонија мора да разбере дека патот кон ЕУ , минува низ признавање на правата на македонските Бугари.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button