Осум лица уапсени во Брчко под сомнение за трговија со деца

Полицијата на округот Брчко уапси осум лица осомничени за трговија со луѓе, трговија со деца и занемарување на деца, соопшти денеска Џевида Хукичевиќ, портпаролка на полицијата.
Овие лица биле уапсени откако претходниот ден во приватна куќа во градот во северна Босна и Херцеговина биле пронајдени 31 дете, за кои властите се сомневаат дека се жртви на трговија со луѓе.
„Истрагата е сложена и оди во неколку насоки. Воспоставена е соработка со Агенцијата за истраги и заштита, Министерството за внатрешни работи на Република Српска, Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон и Европол. Со оглед на тоа дека инволвираните лица се малолетни, нема дополнителни информации“, рече Хукичевиќ.
Таа додаде дека полицијата на округот Брчко денеска до обвинителството ќе поднесе извештај за извршените кривични дела.