Падна ентузијазмот за решение за историјата

Брзо спласна најавуваниот нов ентузијазам во работата на Мешовитата историска комисија. Ко-претседателите на Комисијата, по само шест дена од нивната последна средба, продолжија со меѓусебни обвинувања. Ангел Димитров истакна дека неговите македонските колеги не сакаат да прифатат заедничка историја со Бугарија од Средниот век, па наваму и во гостувањето на БНТ, тој воедно ја оспори и нивната стручност.
„Кога расправаме како да се подготви текстот за заедничко чествување до Владата, нашите колеги тргнуваат од современоста кон минатото, т.е. од нивната претстава за Гоце Делчев, без да се зборува за Гоце Делчев во неговото историско време. Ова е пристап, кој не е историски “, вели Ангел Димитров – бугарски историчар.
Димитров кажа дека добар знак би бил промена на составот на историчарите од македонска страна и нема големи очекувања од следната средба закажана кон крајот на февруари во Софија.
И ко-претседателот од македонска страна, Драги Ѓоргиев не очекува напредок. Тој смета дека треба да се промени реториката и пристапот од бугарските историчари. Ѓоргиев за Алсат вели дека засега нема најава за промена во составот од македонска страна.
„Ние не бегаме од заедничката историја, но тоа не треба да се сфаќа на начин како тоа го сфаќа бугарската страна – дека историјата од средниот век до 1945 година е заедничка. Ако е така, тогаш тоа воопшто не е заедничка историја, туку е историја на еден ист народ. Таквиот пристап не е научен, не е историски…“ , вели Драги Ѓоргиев, Ко-претседател на Мешовитата историска комисија.
Премиерот Димитар Ковачевски пак, одговарајќи на новинарско прашање, потсети дека историчарите ветиле почести средби.
„Тие работат по своја методологија, тие се професори по историја. Таму ветија дека ќе има нова динамика во наредниот период, со цел да дојдат до решенија, кои тие ќе можат да ги презентираат пред јавноста “ , вели Димитар Ковачевски – претседател на Влада.
Во меѓувреме во процес е само назначувањето на историчар од Македонија кој би го заменил Ванчо Ѓоргиев, кој ја напушти Комисијата. Една од горливите теми, на кои историчарите заглавија е токму прашањето за Гоце Делчев, чија 150-годишнина од раѓањето македонското и бугарското Министерство за надворешни заедно ќе го чествуваат в петок во Скопје, но без заеднички текст.
Лука Андреев