ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Палењето трски ја загрозува екологијата зашто се живеалиште за многу видови животни

Палењето на трски на струшкото крајбрежје се случува во време кога дел од животинскиот свет кој живее на овој потег е во фаза на размножување, предупредуваат екологистите. Досега се изгорени повеќе од 6.000 метри квадратни трска од излезот на Струга до селото Калишта. На овој потег е присутна и ендемскиот вид на дива патка, која е тесно поврзана со овој вид на растение.

Имајќи во предвид дека на самиот брег на Охридското Езеро кое е населено од овој вид растение, живее и поголем број на одредени животни, риби кои во ова време се во размножување односно мрестење, време кога ги полагаат јајцата, апелирам да не се прави оваa грда работа, да не се пали ова растение кое помага во опстојувањето на живиот и растителен свет на нашето езеро – изјави Беким Зиба-биолог.

Постојаното палење на појасот трски може да доведе и до трајно исчезнување на некои животински видови од овој регион.

Ова е подрачје кое според една одлука на општина Струга во седумдесеттите години е прогласено за заштитена зона на природна реткост. Затоа треба да бидеме сите поодговорни и ова повеќе никогаш да не се случува – рече Никола Кукунеш-граѓански активист.

Особено нè загрижува инертноста на надлежните. Тука особено мислам на Државното правобранителство, Јавното обвинителство….. Имаме потфрлање и од локалните власти. Инспекторатите не се редовно на терен, не ја следат состојбата – нагласи Дејан Лазарески, Граѓански активист.

Инаку и покрај неговата еколошка важност, државата веќе 10 години не направила никакво истражување на состојбата со трските на Охридско-струшкото крајбрежје.

На седница на Владата и Собрание пред две години, каде го изложивме проблемот, се донесе одлука да се преземат мерки, но еве сè уште не се преземаат – изјави Марина Талеска, Хидробиолошки институт Охрид.

Инаку граѓанските активисти се сомневаат дека палењето на трски е всушност подготовка на теренот за изградба на нови плажи или можеби угостителски објекти.

Мики Трајковски

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button