Австралиската полиција соопшти дека уапсила маж кој го попречил домашниот лет со тоа што трчал гол во авионот и турнал член на екипажот. Летот VA696 од Перт до Мелбурн синоќа бил принуден да сврти набргу по полетувањето, пишува АП.
„По пристигнувањето во Перт, леталото го пречека австралиската федерална полиција и го симна патникот што предизвикуваше проблеми“, се вели во соопштението на авиокомпанијата „Вирџин Австралија“.
Мажот првично бил хоспитализиран за евалуација, соопшти полицијата. Австралиската телевизија Еј-би-си соопшти дека има сознанија оти никој не е повреден во инцидентот во авионот.
„Безбедноста на нашите патници и членови на екипажот е наш главен приоритет и искрено им се извинуваме на патниците што беа на летот“, соопштија од „Вирџин Австралија“.
Човекот се очекува да се појави на суд на 14 јуни, иако обвиненијата со кои ќе се соочи сè уште не се финализирани. Истрагата сè уште е во тек.