ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пендаровски: Истрагата на онкологија, да заврши брзо

Пендаровски: Истрагата на онкологија, да заврши брзо

Претседателот Стево Пендаровски, вели дека се фрапантни и згрозувачки информациите за злоупотребата на терапијата за рак на Клиниката за онкологија. Според него, време е правосудниот систем да докаже дека е способен во пракса, а не само на зборови да се соочи со случаите на организиран криминал и корупција.

ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе иницира формирање на Истражен комитет во кој вели дека внимателно ќе се истражуваат прекршоците на Клиниката за онкологија.

Лидерот на Беса, Билал Касами, сака одговорните да добијат максимални затворски казни, а министерот Меџити да поднесе оставка. Се друго, според него, ќе значи прикривање на криминалот и соработката со криминалците.

„Замислете каков здравствен систем имаме, какво раководство на Министерството за здравство и каков премиер. Додека граѓаните умираат во ходниците на клиниките поради кражба на терапии, овие велат дека треба да има одговорност. Кој треба да одговора? Во овој случај, важи народната изрека „рибата смрди од главата“, а кога владата е корумпирана од глава до пети, не може да има поодговорен од премиерот и министерот за здравство“, изјави . Билал Касами, лидер на Движењето Беса.

Од Демократското движење велат дека во нормалните земји за вакви случаи владите поднесуваат неотповиклива оставка.
„Последен момент е надлежните органи, Министерството за внатрешни работи и Обвинителството да го покажат вистинското лице, и да ги изведат сите виновници пред лицето на правдата, бидејќи нашите болници стануваат центри на убивање луѓе, а не центри каде се спасува живот. Здравството сериозно се уништува. За жал, владата на СДСМ и ДУИ одамна ја изгубија контролата, оставајќи простор за анти-човечки акти и луѓе на власт кои не можат да се наситат од крадење и злоупотреба на секоја страна…“, велат од Демократско движење.

ДУИ ги повикува институциите вакви истраги да се спроведат и во други клиники и институции и случајот да не се политизира.

„ДУИ целосно ја поддржува акцијата што завчера ја спроведоа Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, и ги поканува институциите да спроведат вакви истраги и во други клиники и во други институции.

Демократската унија за интеграција бара одговорните лица да бидат изведени пред лицето на правдата и да не се злоупотребуваат за политички цели во момент кога земјата се соочува со уште еден важен предизвик“, велат од ДУИ.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button