ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пендаровски ја реактивираше идејата да го заживееме договорот со САД од 2008-ма

Шефот на државата, Стево Пендаровски е скептичен дека во скоро време ќе добиеме датум за преговори со Европската Унија. Ако Унијата не го промени принципот на одлучување и ако се одлучува со консензус, не само земјава, туку сите држави од Западен Балкан немаат шанси да станат дел од европското семејство, дури и ако се направат сите барани реформи, смета Пендаровски. Според претседателот, историските прашања меѓу Македонија и Бугарија не можат да бидат критериум за влез во Европската Унија.

„Што ако спорот со Бугарија се одолговлечи години и години. Не велам 25 како со Грција, но ние не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме од Брисел добри вести, бидејќи објективно ние во делот во овие разговори и преговори што ги правиме последнава година со Бугарија, ние од наша страна отидовме до крај, немаме каде. Ние практично немаме што да понудиме повеќе, се преку тоа би било, тоа и лани го кажав во интервју па се чудеа некои, ако цената за влез во ЕУ е да се обезличиме, таква ЕУ не ни треба“, порача Пендаровски.

Поради блокадите кои ги добива земјава и неуспехот на ЕУ да го отвори патот на Македонија, Пендаровски предлага државава да се фокусира на договорот со САД за соработка од 2008 година.

„Тоа беше една политичка порака дека не сме заборавени, не сме сами. Меѓутоа, по мое видување во тој договор има барем 4 до 5 области кои би требало да се обидеме да ги конкретизираме работите и сосема конкретно да влеземе во соработка со САД. За оваа работа, најверојатно наскоро ќе имаме неколку средби на ниво на државно раководство и се разбира со нашите американски партнери“, рече Пендаровски.

Оживувањето на договорот со САД, не значи занемарување на патот кон Европската Унија. Пендаровски по изборот на новата Влада во Бугарија очекува јасни ставови од бугарската страна за евентуално отстранување на блокадата.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button