ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Петков: Динамиката на разговорите ќе се утврди на средбата со Ковачевски

Како ќе се одвиваат преговорите меѓу Македонија и Бугарија, со каква динамика и дали ќе има рокови за договор на новите комисии ќе се утврдува на средбата меѓу Петков и Ковачевски – најави бугарскиот премиер за БТВ. Тој зборуваше дека добрососедството е услов за напредок и очекува компромис.

„Кога имате таква една рамка, за мислење за тоа што сите можеме да добиеме од добрососедството се надевам дека и компромисите по темите кои бугарската Влада ги чека од македонската држава, ќе бидат примени по полесен и подобар начин“, вели Петков.

Специјалниот претставник на македонската Влада во Софија, Владо Бучковски кажа дека му се допаѓаат предлозите на Петков. Тој за РСЕ изјави дека очекува комисиите за економија, инфраструктура, култура и евроинтеграции да си ја завршат работата до јули, но останува да виси прашањето за исходот од разговорите на историчарите.

„Ако остане фокусот да биде само на комисијата за историски и образовни прашања, според мене и понатаму ќе имаме проблеми“, оценува Бучковски.
Брзо деблокирање на процесот очекува и шефот на македонската дипломатија кој не прецизираше рокови, но ја повика Албанија да ја преиспита најавата за барањето за одвојување на двете земји во евроинтегративниот процес.

„Со регионална динамика двете држави ќе добијат. Затоа сметам, еве ако ова е аргумент плус за убедување на албанските државјани, албанската Влада, дека неформалниот регионален пристап е во интерес на двете држави, па и на регионот во целина, но Албанија има право да бара такво нешто“, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

И додека политичарите од двете страни претпазливо ги најавуваат следните чекори, коалицискиот партнер на Петков, Слави Трифонов, од чија партија е новата бугарска министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, дури и го услови омекнувањето на Бугарите.

„Кога веќе Американците толку многу ја сакаат Северна Македонија во Европската унија, нека им дозволат на бугарските граѓани, исто како граѓаните на повеќето држави од ЕУ, да патуваат во Америка без визи“, вели Трифонов.

Посетата на Петков во Македонија се планира за крајот на месецов.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button