ВЕСТИРЕГИОН

Петков ја достави оставката до Собранието

Бугарскиот премиер Кирил Петков до Народното Собрание денеска ја достави оставката на владата предводена од него, соопшти бугарската новинска агенција БТА по потврдата од прес-центарот на парламентот.

Оставката на премиерот Кирил Петков и неговиот кабинет дојде по успешното гласање за недоверба на неговата влада во Парламентот, кое го иницираше опозициската партија ГЕРБ, откако партијата „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов ја напушти владејачката коалиција.

Веќе неделава се очекува претседателот Румен Радев да ја започне процедурата за формирање нова влада во актуелното Народно собрание. Тој рече дека ќе започне со консултации со политичките партии веќе во понеделник.

Првиот мандат Радев треба да го додели на „Продолжуваме со промената“ (ПП) како најголема пратеничка група во бугарскиот парламент, која има намера повторно да го предложи Кирил Петков за премиер.

Доколку „Продолжуваме со промената“ не успеат да обезбедат мнозинство и нова влада, претседателот ќе го предаде вториот мандат на ГЕРБ-СДС, која вчера најави дека веднаш ќе му го врати на Румен Радев. Третиот мандат на претседателот на Бугарија избира на која од останатите пратенички групи ќе и го додели.

Доколку третиот обид не успее, Радев назначува преодна влада, го распушта Националното собрание и закажува предвремени избори.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button